Мицкоски тврди дека отвора афера „Мафија 2“ со двојни матични броеви

Христијан Мицкоски

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите, изјави дека „отвора афера Мафија 2, која се однесува на изготвување и издавање лични документи на исти лица со различни матични броеви во Македонија“. Според него, покрај аферата Мафија, каде што структури на власта, како што рече, „изддавале патни исправи и документи за идентификација на криминални структури“, во оваа афера можело да се види дека „едни исти лица имаат по два матични броеви“.

„Според инфорамциите што ги добивме во Македонија постојат над 20.000 лица кои имаат по најмалку два матични броеви. Едно лице со два матични беоеви го има двапати во избирачкиот список. Со двоен идентитет лицата можат да ги злоупотребуваат државните институции, банките..., рече Мицкоски.

Видете и ова: Спасовски - Истрагата за „Двојник“ ќе се прошири


Како што појасни Мицкоски, повикувајќи се на документи кои ги добиле во партијата, „аферата Мафија 2 окрива дека едно лице со два матични броја еднаш се јавува во избирачкиот список со своето вистинско име и со вистинската адреса, а вториот пат регистрирано како друго лице во друга општина“ и, како што додаде „овој криминал се користел за гласање“.

Инаку денеска, Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопшти Обвинителството познат како „Двојник“. Овој случај опозицијата го нарекува „Мафија“. Обвинителство бара МВР да утврди кои луѓе од Министерството според хиерархија биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучително и на овие спорни пасоши. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци на државјани на Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.