Спасовски - Истрагата за „Двојник“ ќе се прошири

Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва изјави дека истрагата за случајот „Двојник“ во врска со злоупотребите при издавање на пасоши, ќе се прошири, без разлика дали се работи за структури во МВР или надвор, и без разлика колку високо ќе се дојде во хиерархијата на полицијата.

„Нема толеранција за ниту еден, кој сака нека е тој, и во структурите на МВР и во државата генерално. Секако, со партнерските служби работиме надвор од територијата на државата, при утврдување на идентитетите и при преземање на мерки против лица кои тие ги користеле“, рече Спасовски во „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

Министерот нагласи дека процесот на истрагата ќе покаже како и на кој начин тие се правеле.

Денеска основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопшти Обвинителството. Обвинителство бара МВР да утврди кои луѓе од Министерството според хиерархија биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучително и на овие спорни пасоши. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.