Германија ја обвини Русија дека се обидува да провоцира

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп- Карeнбауер.

Германија ја обвини Русија дека се обидува да провоцира со тоа што распоредува трупи на окупираниот полуостров Крим и долж границата со Украина. Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп- Карeнбауер денеска за јавниот сервис АРД рече дека впечатокот и е дека „руската страна се обидува со сè да предизвика реакција“.

„Заедно со Украина, ние нема да бидеме вовлечени во оваа игра“, рече германската министерка, додавајќи дека е јасно оти Русија „само чека потег од НАТО, за да има изговор да ги продолжи своите активности“.

Во изминатиот период беа објавени фотографии, видео и други податоци, кои укажуваат на големи движења на руски вооружени единици кон или во близина на границата на Украина и на Крим, полуостровот што Москва го анектираше од Украина во 2014 година, поттикнувајќи ја загриженоста дека Русија се подготвува да испрати сили во Украина.


Украина и Западот исто така ги обвинуваат сепаратистите поддржани од Русија кои ги држат источните региони на земјата, Доњецк и Луганск, за неодамнешниот пораст на непријателствата. Москва, пак, прстот го вперува кон Киев.

Вчера американскиот претседател Џо Бајден го повика својот руски колега Владимир Путин да преземе мерки за да ги намали тензиите со Украина и предложил самит меѓу двајцата лидери во трета земја, откако Вашингтон и НАТО ја потврдија поддршката за Киев.