Турција може да загуби околу половина милион туристи поради руските ограничувања во авио-сообраќајот, што треба да останат во сила до почетокот на јуни, изјави денеска турскиот министер за туризам, Мехмед Нури Ерсој.
Русија најави дека од 15 април до 1 јуни ќе го ограничи воздушниот сообраќај со Турција поради рекордниот број нови инфекции во оваа земја и новиот локдаун.
„Забраната може да се укине пред предвидениот рок, доколку се намали бројот на новозаболени лица. Турција може да загуби околу половина милион туристи, рече денеска министерот Ерсој.
Турскиот министер, исто така, додаде дека земјата не бележи никакви проблеми со резервациите за ова лето.
Министерот за здравство, Фахретин Коца, пак, пред два дена изјави дека руска делегација наскоро ќе ги посети туристичките дестинации во Турција за да утврди дали се спроведуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.
Пандемијата во текот на минатата година за две третини ги намали приходите од туризмот во Турција.