Ве повикуваме Вас како премиер, Владата и сите надлежни институции, во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес, односно воспоставувајќи систем на владеење на правото, а во врска со деталните урбанистички планови (ДУП).
Ова е дел од јавниот повик на 29 граѓански организации и универзитетски професори, кој е адресиран до премиерот Зоран Заев и преку кој тие бараат „да се спаси просторот кај „Холидеј ин“ каде што треба да се изградат висококатници“. Во повикот наведуваат дека нивните барања се Владата да ја поддржи суспензијата од Општина Центар за ревидирање на конкретниот Детален урбанистички план (ДУП), но и на сите други планови кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП), а Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да се произнесат и да се обврзат дека нема да издаваат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите.
Се бара и поддршка за законско работење на инспекторите за урбанизам и за градежништво, Државниот правобранител кој треба да го штити државниот имот и сите институции што досега ги одобрувале плановите кои се спротивни на ГУП.
„Јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата. Обврска на Владата е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира кога е тој загрозен, а по потреба и да санкционира“, пишува во јавниот повик до Заев.
Планот за изградбата на висококатници на местото од постоечкиот паркинг спроти хотелот Холидеј ин во Скопје последните неколку денови е една од главните теми на кои се дебатира во медиумите и кој наиде на критика во јавноста.
Видете и ова: Моќници „согласно законите“ го купија Скопје за багателаИнаку денеска, компанијата „МГ Фешн“, која е инвеститор на висококатниците на парцелата спроти „Холидеј ин“, комплекс кој ќе вика објект „Гранд“, денеска го претстави планот за комплексот.
„Во трите предвидени згради ќе има 400 станови, локали и канцеларии, односно 1250 жители. Ќе има 1000 паркинг места, 6520 метри квадратни ќе бидат зелена површина, а површината на градба ќе биде 13 654 м2. Во ДУП-от пишува дека влезот е од улица 2, а на кејот ќе има излез. Паркингот ќе биде во рамките на градежната парцела, а имаме можност да паркираме и во катната гаража спроти“, изјави архитектот Мартин Пановски.