На вчерашната седница Владата донесе Решение за одобрување на план за ремедијација на локацијата во АД „ОХИС“- Скопје и со заклучок на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено да донесе Решение за одобрување на планот за конечна деконтаминација на линданот во кругот на АД „ОХИС“-Скопје, соопшти владината прес-служба.
„Ова решение на Министерството за животна средина и просторно планирање следува откако УНИДО, односно Агенцијата за индустриски развој на ОН го информираше Министерството дека планот доставен од грчката компанија специјализирана за овој тип активности ‘Полиеко’ е одобрен за спроведување на постапката за деконтаминација на почвата во АД ‘ОХИС’- Скопје“, се вели во соопштението на Владата.
Ова значи, одобрен е планот за чистење на една од двете, односно малата депонија со линдан во кругот на фабриката ОХИС.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) потврдуваат дека министерот Насер Нуредини денес го потпишaл Решението, со што ќе можат да започнат активностите за отстранување на линданот и на контаминираната почва.