Ивана Јовановска во потрага по своето идно поетско зреење

Ивана Јовановска, млада македонска поетеса и авторка на збирката „На ракавот на градот“

,,На ракавот на градот“ е насловена првата стихозбирка на Ивана Јовановска што како издание на ПНВ Публикации ќе се појави деновиве. За младата поетеса ќе биде забележано дека е „една од највпечатливите нови поетски сили на македонската книжевна сцена“.

НА РАКАВОТ НА ГРАДОТ

Погледни во себе.

Празнините во телото те чекаат да се вратиш.

Бурите стивнуваат за да се помириш.

Пролетните цветови се отвораат за да се разбудиш.

Уличните липи расцветуваат за да се ослободиш.

Новите дождовни капки во симфонија чекаат да се измориш.

Погледни во себе.

Болките во телото сонуваат дека ќе се родиш

како првиот слободен човек на градот.

Како првиот што станал свесен за своите места.

Ова е насловната песна од истоимената поетска збирка „На ракавот на градот“ на младата Ивана Јовановска, што како издание на реномираната ПНВ Публикации ќе излезе од печат деновиве.

За младата поетеса рецензентот Владимир Мартиновски забележува дека таа „ненаметливо, но наполно заслужено, се наметнува како една од највпечатливите нови поетски сили на македонската книжевна сцена“. Дека, воопшто не е изненадување фактот што иако станува збор за нејзин прв поетски ракопис, стихозбирката „На ракавот на градот“ е одлично осмислен, внимателно структуриран и концепциски наполно зрел поетски проект. Составена од триесетина песни со високи естетски дострели, а распоредени во три кохерентни циклуси („Немир“, „Нов почеток“ и „Преобразба“), оваа книга импонира со беспрекорната трипартитна структура и тематската заокруженост, забележува во својата рецензија Мартиновски.

Но, која е Ивана Јовановска?

Родена 1998 година во Скопје, Јовановска е студент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“. Досега учествувала на бројни поетски читања во родниот град, како на ,,Астални проекции“, на феминистичкиот фестивал ,,Прво па женско 6“, на оние во Социјалниот центар ,,Дуња“ и други.

Нејзините песни се објавувани во списанието за литература ,,Современост“, порталот за книжевност и култура ,,Окно“, електронското списание ,,Репер“, платформата за поезија и книжевност ,,Фуснота“, на интернет платформата ,,100 Илјади поети за промена“, порталот за феминистичка култура ,,Медуза“ и во е-списанието на студентите на Филолошкиот факултет ,,In Medias Res“.

„Многу сум им благодарна на ПНВ Публикации за заложбата и трудот околу издавањето на мојата прва стихозбирка ,,На ракавот на градот“. Тие веќе подолго време работат на афирмацијата на младите автори и среќна сум што и мојата деби книга ќе ја види светлината на денот. Оваа поддршка е исклучително важна за нас младите и се надевам дека овој тренд ќе продолжи да расте во нашата земја. Целиот процес на подготовка на книгата траеше долго и за мене беше важно искуство од кое многу научив, но ми наметна и чувство на одговорност кон тоа што ќе го создавам во иднина. Реализацијата на оваа збирка е пред сè мотивација да продолжам посветено да работам на тоа што најмногу го сакам, одбирајќи го квалитетот како основна градбена единица на моите идни текстови, поетски или прозни. Сево ова ме охрабрува и ме поттикнува и понатаму да експериментирам со стилот, да запловам во нови за мене неоткриени поетски води, и да истражувам различни форми, обликувајќи го моето идно поетско зреење“, вели младата поетеса.

Ивана Јовановска, пак, како што забележува и рецензентот Мартиновски , „е смела поетеса, која успева сугестивно, алузивно, но и доволно директно да покаже со прст кон заканите што ги вознемируваат новите генерации“. Дека таа пишува и за „осуденоста на современиот човек да живее во свет на кој постојано му се закануваат нови воени судири“, дека загатнува и социјални теми а во дел од песните и „лирски е разработена горливата тема на заминувањето од дома“, дека во еден од циклусите размислува за „растежот, созревањето, иницијацијата, преобразбата, создавањето, раѓањето“... и така со ред, „за да збирката што започнува со оправдана загриженост за светот, авторката ја заокружи со надеж“.

„Постојано ги барам своите приказни во секојдневниот живот и комплексните емоции на човекот, верувам дека таму лежи изворот на моите досегашни стихови. Се интересирам за човековата внатрешност, за подлабоките извори од каде свеста создава свои продукти и своја реалност, што секогаш ме фасцинира и сакам да го протолкувам на мој начин. Од друга страна, просторот и односот кон него се вечна инспирација за мене како млад човек. Заминувањето и напуштањето се основни поими за мојата и за генерациите блиски до мене, кои се во многу сложени односи со местата што ги разочаруваат. Тоа е и основната идеја врз која се темели ,,На ракавот на градот”, мојот крик поради колективната тежина наспроти значењето на домот, на градот, нашите лични простори“, ќе рече Ивана.

Интересно е и тоа што Јовановска веќе извесно време се занимава со уметничка фотографија и дека честопати размислува за врските и допирите на поезијата со фотографијата, за тоа дека можеби дека би било убаво во иднина да потпише и еден таков, хибриден проект.

„Книжевноста и фотографијата нудат многу можности за изразување и нивната комуникација, доведувајќи ги во корелација на таков начин, нуди креативен простор за надополнување, во кој, она што не се изговара се опишува со фотографијата, а она што е прикажано визуелно може дополнително да се естетизира со текст. Како два гласа што раскажуваат една приказна. Всушност, веќе од поодамна размислувам за ваква комбинација и се надевам дека во периодот што следува ќе успеам да ѝ се посветам на оваа идеја, особено истражувајќи го односот меѓу пејзажите и кратките поетски форми“, смета Јовановска.