Борисов: Јас сум најподготвен, ама нема да бидам премиер

Бојко Борисов

Звучи нескромно, но нема поподготвен од мене. Не случајно ние сме првата политичка сила. Многу луѓе сакаат да бидам како мене, а јас отсекогаш верував дека единството прави сила. Сепак, јас нема да бидам кандидат за премиер во новиот кабинет, што ќе го предложи ГЕРБ. Ќе биде номиниран друг кандидат, изјавил бугарскиот премиер Бојко Борисов.

„Не е правилно за мене, да одам како Радев и да ја поделам нацијата на два дела. Ќе номинирам друг премиер со многу европска, НАТО ориентација“, рекол Борисов, додавајќи дека имаат една недела според Уставот да формираат владин кабинет, пренесе Радио Слободна Европа на бугарски јазик.

На прашањето дали предлогот за премиер ќе биде Томислав Дончев, Борисов одговорил категорично „не“ и додал: „Не, тој не го заслужува тоа. Да го добиеме мандатот, па ќе ја сфатиме сериозно работата и ќе го објавиме името“.

Видете и ова: Радев го свика новиот бугарски Парламент на 15 април

Новиот состав на бугарскиот парламент би требало да се состане утре. На парламентарните избори во Бугарија паријата на Борисов, ГЕРБ, освои 26% од гласовите, односно 75 од вкупно 240 пратенички места. Во парламентот влегоа шест партии, меѓу кои и три протестни партии, кои заедно имаат 92 пратенички места. Доколку на ГЕРБ не ѝ успее да состави влада, претседателот на Бугарија, Румен Радев, ќе треба да ѝ даде мандат на втората по јачина политичка сила. Тоа би била протестната партија „Има таков народ“ на телевизискиот водител, кабаретист и поп-фолк ѕвезда Слави Трифонов.