Не е до крај јасна ситуацијата. Мислам дека од мене би било неодговорно да влезам во тој домен на шпекулации дали имало или немало нон пејпер од Јанша. Треба да следиме тоа што официјално пред камера изјавуваат портпаролите во Европската комисија (ЕК), портпаролот на европскиот Совет, претседателот Шарл Мишел, самиот Јанез Јанша, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, коментирајќи ги вчерашните информации за „наводен нон-пејпер испратен од словенечкиот премер Јанез Јанша во кој се зборува за прекројување на границите меѓу државите од Западен Балан“.
„Мислам дека не смееме да бегаме од дебата и од изразување на јасна макадонска позиција по ова прашање, бидејќи се работи за пресериозна теза. Јас повеќе би сакал шпекулациите и наводите во медиумите ширум Балканот да ги искористиме да поразговараме за теза, бидејќи таа теза ќе излезе малку, па пак ќе се врати. Ние за жал сме регион каде крајот на минатиот век имаше многу злосторства, жртви, војна. Кога границите следат етнички линии тоа е пракса од времето на колонијализмот. Во Европа нема баш промена на граници. Мислам дека било кој што малку се грижи за стабилност и иднината на Балканот би требало да верува во европската теза – ние треба границите да ги направиме што помалку видливи и релевантни“, изјави Димитров во интервју за Утрински брифинг.
Тој додава дека митот за „големи“ држави на Балканот постои, но стремежот треба да биде кон европските вредности.
„Многу е тешко да се нацртаат етнички линии. Секогаш ќе има нешто што ќе остане мултиетничко. Митот за големите држави постои на Балканот. Берлин застана многу јасно дека иднината на Балканот мора да е европска и границите наместо да размилуваме дали ни се добро да ги направиме нерелевантни, невидливи, такви како што се европските. Берлинскиот процес продуцираше – заедничка економска зона, патување со лични карти, прифаќање на институциите на другите држави за транспортот да оди побрзо“, изјави Димитров.
Видете и ова: ЕУ не знае за нон-пејпер и отфрла дискусија за промена на граници на Западен БалканВчера официјални претставници на Европската унија (ЕУ) изјавија дека не се запознаени со постоење на нон-пејпер од словенечката страна, според кои, распадот на Југославија не е завршен, јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, Ѓерачина Тухина. Питер Стано, портпарол на ЕУ, за новинарите изјави дека претставниците на Брисел биле информирани за пишувањата во медиумите, но дека „не е познато дека таков нон-пејпер постои“.
„Дефинитивно не сме примиле, не видовме или не знаееме за таков нон-пејпер, така што нема да ја коментираме претпоставената тема за содржината на овој документ“, изјави за новинарите портпаролот Стано.