Американскиот претседател Џо Бајден го повика својот руски колега Владимир Путин да преземе мерки за да ги намали тензиите со Украина и предложил самит меѓу двајцата лидери во трета земја, откако Вашингтон и НАТО ја потврдија поддршката за Киев.
Бајден во телефонски разговор со Путин „ја искажа загриженоста за ненадејното руско воено засилување на окупираниот Крим и на границите на Украина и ја повика Русија да ги деескалира тензиите“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Неодамнешни фотографии, видео и други податоци укажуваат на поголеми движења на руските вооружени единици кон или близу границите на Украина и на полуостровот Крим, анексиран од Москва во 2014 година, поттикнувајќи ја загриженоста дека Русија се подготвува да испрати сили во Украина.
„Претседателот Бајден ја потврди својата цел за градење стабилни и предвидливи односи со Русија во согласност со интересите на САД и предложи состанок на самит во трета земја во следните месеци за да се разговара за целиот спектар на прашања со кои се соочуваат САД и Русија“ се наведува во соопштението.
Самитот ќе биде прв меѓу Путин и Бајден, кој ја презеде функцијата ветувајќи поостар став кон Москва отколку што зазема неговиот претходник Доналд Трамп.
Повикот дојде откако украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска разговараше со државниот секретар на САД, Антони Блинкен и со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, изразувајќи голема загриженост за зголемувањето на руските трупи.
Блинкен, кој по посетата минатиот месец побрза да се врати во Брисел да разговара на оваа тема со врвните европски сојузници, ја обвини Русија за преземање „многу провокативни“ активности што ги вознемирија Украина и Западот.