Русија ги предупреди САД „да се држат подалеку од Крим за нивно добро“

Илустрација

Русија ги предупреди САД да ги држат воените бродови подалеку од Крим „за нивно добро“, нарекувајќи го нивното распоредување во Црното Море провокација наменета за тестирање на нервите на Русија, пренесува Ројтерс.

Два американски воени брода оваа недела ќе пловат во Црното Море.

Москва го анексираше Крим од Украина во 2014 година. Во меѓувреме, Западот предупредува на акумулација на руски сили во близина на источната граница со Украина и Крим. Русија одговори со преместување на своите сили како што и одговара, вклучително и за одбранбени цели.

Претходно, Соединетите држави предупредија на „последици“ доколку Русија „дејствува несовесно или агресивно“ кон Украина, поради загриженоста за разместувањето руски трупи во близина на украинската граница. „Претседателот Бајден беше многу јасен во врска со ова“, изјави државниот секретар Ентони Блинкен за телевизијата Ен-Би-Си.