Нови 30 дена притвор за Сашо Мијалков по пресудата за „Трезор“

Сашо Мијалков

Кривичниот суд Скопје, денеска, по пресудата „виновен“ во случајот „Трезор“, му одреди мерка притвор од 30 дена на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. Ова одлука следеше по предлог на јавниот обвинител Трајче Пеливанов, кој истакна дека „Мијалков е моќен и постои опасност од бегство“.

„Имајќи ја предвид казната од осум години и дека Сашо Мијалков е исклучителен моќен човек, како и неправосилната пресудата во случајот „Тврдина-Таргет”, предлагаме да се одреди мерката притвор за овој предмет. Причните се дека постои можност за бегство“, рече обвинителот Трајче Пеливанов, кој воедно предложи мерката притвор за случајот ,,Тврдина-Таргет”, да се укине.

Одбраната на обвинетите, по предлогот на јавните обвинители, наведе дека тие се убедини дека овој предмет во Апелациониот суд ќе добие ослободителна пресуда. Адвокатот на Мијалков - Љупчо Шврговски, посочи дека не постои опасност од бегство и дека ваквото барање е неосновано.

Видете и ова: Мијалков доби 8 години за Трезор


Мијалков, првообвинет во предметот „Трезор“ за злоупотреба на службената положба и овластувања денеска е осуден на единствена казна во траење од осум години. На поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, кој е недостапен на органите на прогонот, му е изречена единствена казна затвор во траење од 15 години, а на поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, Судот му изрече казна затвор од пет години. Поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, кој се товари за помагање, е осуден на единствена казна затвор во траење од пет години. Против пресудата дозволена е жалба во рок од 15 дена до повисокиот Апелационен суд.

Предметот се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.