Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека ќе ги повлече сите амандмани на законот за државјанство, за да се изгласа петтиот пакет мерки за помош на граѓаните и стпанството.
„Свесни за недостигот на искрена желба за брзо решение, но и за критичниот момент во кој што се наоѓаат Македонија, граѓаните и стопанството, ќе ги повлечеме сите амандмани на Законот за државјанство се со цел конечно да се изгласа петтиот пакет на мерки за помош на граѓаните и стопанството. Дури и во вакви моменти, кога над 55 илјади граѓани останаа без работа и едвај врзуваат крај со крај, кога македонската економија е на колена и илјадници компании се затворија, Заев и СДСМ без око да им трепне покажуваат огромна неодговорност и негрижа за граѓаните и стопанството“, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Повика законот веднаш да го стават на комисија, бидејќи нема деловнички пречки односно нема амандмани, да ја продолжат пленарната седница и да се гласа за овој закон.
Усвојувањето на 5-от пакет мерки за помош во справувањето со последиците од пандемјата е заглавен во собраниска процедура и условен од неколку опозициски партии со барања за измени на законот за државјанства. По тоа прашање во тек се преговори меѓу Владата и Алијанса и Алтернатива за законот за државјанства. И двете страни најавија дека се оптимисти дека ќе се договорат.