ДКСК: Ако Рашковски нема реален анкетен лист ќе пријавиме во Финансиска полиција

Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК

Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за џипот од 74.000 евра на владиниот службеник Драги Рашковски, рече дека ќе биде пријавено во Финансиска полиција доколку секретарот на премиерскиот кабинет прикажал нереален анкетен лист.

„Доколку утврдиме ние разлика помеѓу имотот што е прикажан и месечните приходи што ги има, таков е нашиот закон, тогаш одиме чекор понатаму за испитување на имотот и тогаш нели се вклучуваат и други институции како што е Финансиска полиција. Они имаат посебни методи за истражување и тоа ќе си го докажуваат“, рече Ивановска.

Нејзината изјава следува по објавите во медиумите на информацијата дека „Рашковски вози џип Волво ХС 90, кој не бил запишан во анкетниот лист и кој чини околу 74 илјади евра“. Рашковски последните неколку недели е актуелен со случајот за „софтверот за сообраќај што го платила Владата, а никој не го користи“. Поради тој случај, а како дел од прибирање докази во соодветната постапка, Обвинителството нареди и претрес во домот на фирмата Инвока, која се поврзува со случајот. Беа сослушани и поранешниот и актуелниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев и Оливер Спасовски.

Видете и ова: Спасовски и Чулев давале исказ за софтверот на Рашковски


Претседателката на ДКСК, Ивановска, сепак, додаде дека за вакви ситуации е неопходно да се донесе закон за потекло на имот за сите граѓани врз основа на што тој бил стекнат. Ивановска додава дека со консултант од Советот на Европа започнал процесот за негова изработка.