Украина вели дека Путин избегнува разговори за зголемувањето на руските трупи

Проруски милитанти на самопрогласената Народна Република Донецк оперираат за време на воена вежба, 28 јануари 2020 година

Украина го обвини Кремљ дека го игнорирала нејзиното барање за разговори меѓу претседателите на двете земји за насобраните руски трупи во близина на украинската граница. Москва возврати дека нејзините војници се на своја територија, за разлика од американските сили во регионот. Киев и Москва разменија обвинувања за влошувањето на состојбата во источниот дел на регионот Донбас, каде што украинските трупи се бореа со силите поддржани од Русија. Во конфликтот од 2014 година досега, според Киев, се убиени 14.000 луѓе. Западот изрази загриженост поради огромното насобирање на руски сили близу до источната граница на Украина и на Крим, кој Русија го анектираше од Киев во 2014 година.

САД ја предупредија Русија да не биде агресивна кон Украина

Американскиот Стејт департмент во понеделникот соопшти дека државниот секретар Ентони Блинкен и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг разговарале за „непосредната потреба Русија да престане со агресивното воено насобирање“. Иулија Мендел, портпарол на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за Ројтерс изјави дека Зеленски се обидел, но досега не разговарал со Путин за ова прашање. „Кабинетот на претседателот, се разбира, упати барање да разговара со Владимир Путин. Сè уште не добивме одговор и многу се надеваме дека ова не е одбивање на дијалог“, рече Мендел. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, рече дека не видел такво барање за разговори „последните денови“ и оти не знае дека неодамна било поднесено такво барање. Мендел изјави дека Русија има распоредено повеќе од 40.000 војници на источната граница на Украина и повеќе од 40.000 војници на Крим, а дека околу 50.000 од сите тие војници се нови распоредувања.

Дали украинско-руската „студена војна“ ќе стане „жешка“?

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Египет рече дека Вашингтон, а не Москва, има прашања да одговори за неговите активности во и околу Украина. „Се поставуваат прашања за тоа што прави Русија на границата со Украина. Одговорот е многу едноставен. Живееме таму, таа е наша земја. Но, што прават САД илјадници километри од сопствената територија со своите воени бродови и трупи во Украина?“, рече Лавров.