Одбраната на Јордан Камчев ќе поведе постапка за незаконитост на докази кои се поднесени од Агенцијата за национална безбендост со кои е изречена мерка притвор, со што ќе барат тој да се брани од слобода. Адвокатот на Камчев, Тони Менкиновски на прес конференција во болницата „Аџибадем Систина“ ја обвини власта за киднапирање и тортура кон неговиот клиент кој речиси еден месец е во притвот во Шутка. Тој посочи дека неговиот клиент бил оставен пет дена без вода за пиење и санитарна вода.
Во излагањето околку доказите, Менкиновски изјави дека доказите прибавени од АНБ а со кои се стравувало за бегство, биле прибивани на незаконски начин, со кршење на слободата и правата, и не може да се користат, и врз нив не може да се заснова судската одлука за притвор на Камчев.
„Она што е симптоматично е како различни институции во Македонија една иста белешка различно ја читаа. Судот ја чита дека постои опасност од бегство во Република Бугарија, додека премиерот ја интерпретира сосема поинаку и тврди дека содржината во таа белешка е сосема друга. Како и да е, процедурата е повредена. АНБ чекала месец дена и во тој месец имала обврка да го извести Бирото за јавна безбедност, и да каже, ако е тоа така, дека постои основано сомнение дека одредено лице ќе се даде во бегство. Тие тоа не го сториле, го информирале јавниот обвинител и повторно го повредиле законот, бидејќи информација за јавен обвенител што тие можат да си го дозволат во делот шпионажа таксативно е наведена во законот за АНБ за кои дела можат да го информираат јавниот обвинител. Тука имаме прескокнување на институции и со тоа имаме класична нелегитимност на доказ употребен во судска постапка“ изјави адвокатот Менкиновски.
Адвокатот на Камчев чека судот да се произнесе, доколку не, тогаш ќе се поведе постапка и пред Европскиот суд за човекови права.
„Бараме овој доказ да биде прогласен како незаконит доказ. Време е во оваа држава да завршат изживувањето со луѓе преку местенки и злоупотреби.„Киднапирањето на Камчев е одлика која треба да заврши со донесување на една законита одлука од страна на Судот. Да не чека македонскиот суд, европскиот суд за човекови права да го прогласи овој доказ како незакони, прибавен на нелегитимен начин. Сега е на ред македонскиот суд и да утврди дали доказот е прибавен на нелигитимен начин“, вели Менкиновски.
Случај „Плацеви на Водно“: Приведен кумот на Никола Груевски
Тој посочи дека била дадена гаранција за да се брани Камчев од слобода, и дека е смешно и жалосно што претходно сите мерки биле искористени како што е се обезбедување на двата пасоша и имотот.
Одговарајќи на новинарски прашања, одбраната постави прашање дали Камчев е по втор пат во притвор за ист предмет затоа што „Плацеви на Водно“ е предмет изведен од истрагата „Империја“. Според него, во истрагата Камчев имал активна улога, односно соработувал со властите.
И двата предмета се во истражна постапка и за нив се уште не е покренато обвинение. Во предметот „Плацеви на Водно“ Орце Камчев е еден од осомничените, додека првоосомничен е поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој според наводите на Обвинителството, си купувал плацови со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, додека неговиот кум осомничениот Ристо Новачевски го прикривал сопствеништвото на земјиштето. Станува збор за средства во висина од над 1,3 милион евра за купување земјиште од 11 илјади квадратни метри.
Според истрагата, на првоосомничениот Груевски во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале Мијалков и Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен. Новачевски е третоосомничен.
Груевски во периодот од 2006 до 2012 година, дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата и на тој начин присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Потоа, во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, тие пари тој ги пуштил во оптек купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на таа фирма бил кумот Ристо Новачевски.
За останатите двајца осомничени, Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева, судот веќе има изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети.
Камчев е еден од осомничените и во случајот „Империја“. Овој случај кој го отвори поранешното СЈО , станува збор за финансиски криминал односно перење пари преку фирми во земјава и офшор-компании, а се истражуваат неколку кривични дела, како злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари. Покрај Камчев, во овој предмет осомничени сè уште 12 лица, меѓу кои и Сашо Мијалков, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.