САД ја предупредија Русија да не биде агресивна кон Украина

државниот секретар на САД Ентони Блинкен

Соединетите држави предупредија на „последици“ доколку Русија „дејствува несовесно или агресивно“ кон Украина, поради загриженоста за разместувањето руски трупи во близина на украинската граница. „Претседателот Бајден беше многу јасен во врска со ова“, изјави државниот секретар Ентони Блинкен за телевизијата Ен-Би-Си, додавајќи: „Ако Русија дејствува несовесно или агресивно, ќе има последици“. Борбите меѓу украинските владини трупи и проруските сепаратисти на истокот на земјата ескалираа во последните неколку недели, со докази за тоа дека Русија распоредувала војска кон или во близина на границата со Украина и на окупираниот украински полуостров Крим. Кремљ ги отфрли повиците на Западот да ги повлече своите трупи, негирајќи дека тие претставуваат закана, оценувајќи дека воените движења во Русија се внатрешно суверено прашање.

Дали украинско-руската „студена војна“ ќе стане „жешка“?

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера рече дека „никој не планира да тргне кон војна“, но додаде дека Москва „нема да остане рамнодушна“ на судбината на Русите кои живеат на истокот на Украина. Претходно, британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб рече дека Лондон и Вашингтон „цврсто се спротивставуваат на кампањата на Русија за дестабилизација на Украина“ и ја повикува Русија да ја деескалира ситуацијата. Изјавата на Рааб дојде еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го информираше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за ситуацијата.

ЕУ ја уверува Украина во својата „непоколеблива“ поддршка

По нивните разговори во Истанбул, Ердоган ги нарече неодамнешните случувања „загрижувачки“ и рече дека се надева оти конфликтот ќе се реши по мирен пат со дијалог и во согласност со територијалниот интегритет на Украина. „Ние веруваме дека сегашната криза може да се реши со мирни и дипломатски средства врз основа на интегритетот на Украина и меѓународното право“, рече Ердоган. Блинкен на 9 април ги консултираше министрите за надворешни работи на Германија и Франција за потребата Русија да го прекине воениот распоредување на окупираниот полуостров Крим и близу источните граници на Украина.