Скопскиот кривичен суд одредил триесет дневен притвор за шестмината осомничени за шверц на марихуана приведени во акцијата на Министерството за внатрешни работи во петокот во близина на Плетвар, јавија повеќе медиуми. Тие се повикуваат на извори од обвинителството кои велат дека судот го прифатил нивното барање за одредување мерка притвор за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” кривично дело кое е предвидено и казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик.
Полицијата вчера соопшти дека во акцијата која ја спроведе во петокот заедно со американската агенција ДЕА е запленета 200 килограми марихуана во вредност од околу 800 000 евра, а дека до обвинителството поднеле кривични пријави против шест лица Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.
Покрај претресите во нивните домови во кои се најдени пари, марихуана и оружје, од полицијата соопштија дека извршиле контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола со кои, како што наведоа од МВР, соработувал А.У.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека во акцијата е приведен Александар Ушликовски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев, а тврдат дека марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола која се поврзувала директно со фамилијата Заеви. Портпаролот Димче Арсовски вели дека Трајче и Бобан Заеви се сопственици на фирма основана во 2019 година во Петрич, Бугарија со име “Медикал 420 БГ”. Тој праша дали случајот има поврзаност со тие фирми.
Трајче Заев на профил на социјалната мрежа Фејсбук на кој стои неговото име, пак, наведува дека ниту еден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Од СДСМ реагираа дека „ниту комбето, ниту било кој од приведените во акцијата имаат каква било поврзаност со семејството на претседателот Зоран Заев“.