СДСМ во соопштение ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека изгубени во желбата да се наштети по секоја цена изнесувале лажни вести поврзани со случајот со запленетата марихуана во вредност од 800 000 евра.
„ВМРО-ДПМНЕ фејк-њуз предводена од Мицкоски по којзнае кој пат фатена во лага. Ниту комбето кое го спомнуваат, ниту било кој од приведените во акцијата имаат каква било поврзаност со семејството на претседателот Зоран Заев“, наведуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска прашаа дали Трајче Заев избегал во Дубаи. Од партијата тврдат и дека еден од приведени во акцијата е Александар Ушликовски, негов личен возач, а дека пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола која се поврзувала директно со фамилијата Заеви.
Трајче Заев, братучедот на премиерот Зоран Заев на профил на социјалната мрежа Фејсбук на кој стои неговото име, наведе дека изнесените работи од опозициската партија не се точни.
„Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23ти март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка“, наведува Трајче Заев.
Полицијата вчера соопшти дека во акцијата која ја спроведе заедно со американската агенција ДЕА е запленета 200 килограми марихуана, а дека до обвинителството поднеле кривични пријави против шест лица Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.