Трајче Заев, братучедот на премиерот Зоран Заев, чие име го споменуваат од ВМРО-ДПМНЕ поврзано со заплената на марихуаната во вредност од 800 000 евра, на профил на социјалната мрежа Фејсбук на кој стои неговото име, наведува дека изнесените работи од опозициската партија не се точни.
„Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23ти март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка“, наведува Трајче Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска прашаа дали Трајче Заев избегал во Дубаи. Од партијата тврдат и дека еден од приведени во акцијата е Александар Ушликовски, негов личен возач, а дека пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола која се поврзувала директно со фамилијата Заеви.
„Запленетата дрога била превезувана во бело комбе со грчки таблици, на име на фирма која што јавно прашавме дали има партнерски односи со фирма на Заеви“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Полицијата вчера соопшти дека во акцијата која ја спроведе заедно со американската агенција ДЕА е запленета 200 килограми марихуана, а дека до обвинителството поднеле кривични пријави против шест лица Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.
Покрај Ушликовски кој опозицијата го поврзува со Заеви, од таму тврдат и дека еден од приведените е командирот на прилепската полиција Кире Спиркоски кој наведуваат дека бил близок со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Инаку, покрај претресите во домовите на приведените во кои се најдени пари, марихуана и оружје, од полицијата соопштија дека извршиле контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола.