Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски денеска на прес конференција во партиското седиште рече дека аферата „Мафија“ покажува силна вмешаност на највисоките структури од државата во давање на логистика, поддршка и заштита на најсилните мафии и нарко картели во Европа и пошироко. Тој вели дека целата афера се свела на апсење на неколку државни службеници, а дека „пипците на мафијата одат погоре“.
Сајкоски покажувајќи фотографии тврди дека уапсените полициски службеници биле фотографиеани на приватни дружења со министерот Оливер Спасовски.
„Значи само кога ќе гребнете по површината сомневањата недвосмислено одат до врвот на власта каде се Зоран Заев и Оливер Спасовски“, рече Сајкоски.
Пратеникот од СДСМ Мартин Костовски, пак, на прес конференција рече дека „ниеден обид на ВМРО-ДПМНЕ за извртување на вистината не може да го сокрие фактот дека токму Мицкоски се обиде да саботира сложена полициска акција преку јавно објавување на информации“.
„Заради лични интереси Мицкоски се обиде да загрози полициска акција и соработка на нашата полиција со стратешките партнери. Мотивите и целите за ваквите постапки треба да ги даде независна и професионална истрага пред надлежните инситуции“, рече Костовски.
Инаку за случајот македонски пасоши за познати криминалци од регионот прво објави ВМРО-ДПМНЕ на брифинг со новинари, па потоа и партискиот лидер Мицкоски одржа прес конференција. Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека опозициската партија се обидела да направи саботажа на акцијата која тие заедно со Интерпол и Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД ја спроведувале од 2019 година.
Од кога се обелодени акцијата МВР приведе девет полициски службеници, а едно лице, кое не било полициски службеник туку надворешен посредник, е во бегство и за него е распишана меѓународна потерница.
Од амбасадата за Радио Слободна Европа вчера наведоа дека не коментираaт за активни истраги, но дека работат одблиску со Министерството за внатрешни работи, како и со други владини министерства и институции во Северна Македонија.