Мицотакис бара расчистување на убиството на новинарот, фон дер Лајен го нарече одвратен и кукавички чин

Атина- Грчката полиција врши увид на местото каде што беше убиен новинарот Јоргос Карајваз,09.04.2021

Ладнокрвното убиство на новинарот Јоргос Карајваз го шокираше целото општество. Се сретнав со министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис за да побарам брзо расчистување на случајот. Ме увери дека грчката полиција вложува максимални напори да ги пронајде виновниците, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на социјалните мрежи по средбата со надлежниот министер, јави дописничката на МИА од Атина.

Средбата на Мицотакис со Хрисохоидис е по вчерашното убиство на 52-годишниот грчки новинар, кој кусо по 14 часот беше застрелан пред неговиот дом од две лица, кои откако испукале најмалку десет куршуми, со мотор побегнале во непознат правец.

Првичните процени на полицијата, според грчките медиуми, се дека станува збор за добро смислено и веројатно нарачано убиство, додека пак балистичката анализа покажала дека оружјето било „чисто“, односно не е поврзан со друго криминално дело во минатото.

Карајваз беше познат и искусен новинар, кој долги години следеше црна хроника и покриваше теми поврзани со полицијата, за истите теми имаше информативен портал, а паралелно работеше во претпладневна емисија на телевизијата „Стар“.

За убиството на новинарот, преку Твитер, синоќа реагираше и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, која рече дека е одвратен и кукавички чин, истакна дека новинарите мора да можат безбедно да работат и изрази надеж дека криминалците набргу ќе бидат изведени пред лицето на правдата.