Американската амбасада во Скопје работеше заедно со Министерството за внатрешни работи и даде техничка поддршка за вчерашната акција во која полицијата пресретна камион со марихуана во вредност од 800.000 евра, што транзитирал низ Македонија. Ова за порталот СДК.МК го навеле од американската амбасада во Скопје.
„Во овој случај, како и во случајот со пасошите, работевме заедно со МВР и дадовме техничка поддршка“, велат од амбасадата на САД.
Според вчерашната куса информација која ја објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук македонската полиција извршила голема акција заедно со американската Агенција за борба против наркотици (ДЕА), во акцијата била запленета дрога во вредност од над 800.000 евра и бил привиден висок полициски службеник.
Некои медиуми, пак, јавија дека уапсениот е командир на Полициската станица во Прилеп. МВР најави повеќе детали за акцијата за денеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „очигледно е дека целата акција ја водат служби кои се борат против наркотици од странство“.
„Но, она кое што стигна до нас како информации за кое што, уште еднаш повторно сакам да упатам прашања до власта и конкретно до премиерот Зоран Заев, а тоа е дека возачот на Трајче Заев, првиот братучед на Зоран Заев е еден од уапсените, кој што бил пратечко возило на пратката со дрога? Вториот уапсен е Кире Спиркоски викан „Чипси“ командир од полициската станица Прилеп кој што пак може да се види дека е преблизок со Оливер Спасовски и со локалните структури на СДСМ во Прилеп, како што е градоначалникот Јованоски“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Инаку и во претходната акција „Двојник“ која се реализираше неделава и во која е откриено дека вкупно 215 лица се стекнале со македонски пасош со туѓ идентитет, а приведени беа девет лица вработени во МВР, а едно е во бегство, македонската полиција соработуваше со Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД.
Од амбасадата за Радио Слободна Европа вчера наведоа дека не коментираaт за активни истраги, но дека работат одблиску со Министерството за внатрешни работи, како и со други владини министерства и институции во Северна Македонија.