Идната недела се очекува да заврши вакцинацијата на останатите приоритетни групи од т.н. критична инфраструктура – луѓе кои имаат многу контакти во работата. Во најголемиот пункт, салата „Борис Трајковски“, од понеделникот со вакцини „Спутник“ се имунизираат припадници на војската и полицијата, здравствени работници, наставници од прво до трето одделение и воспитувачи во градинките.
Следната недела ќе бидат вакцинирани вработени во обвинителството, судовите, инспекциските служби, новинарите и медиумските работници, најави вчера министерот Венко Филипче, соопштувајќи дека досега се вакцинирани 18 261 граѓанин.
Паралелно тече и вакцинацијата на лица над 77 години со вакцината „Астра Зенека“ во пунктовите во здравствените домови низ земјава. Како ќе стигнуваат нови дози, ќе се спушта и старосната граница за да бидат имунизирани што поголем број граѓани и да се достигне опфат од 60 до 70 отсто за колективен имунитет.
Во гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, Филипче рече дека според најавите, овој месец се очекуваат околу 300 000 дози: 200 000 на „Синофарм“ од Кина, околу 11 000 од директниот договор со „Фајзер“, 25 илјади вакцини преку трипартитните договори со земјите членки на ЕУ, нова количина од руските „Спутник“ и останатите дози на „Астра Зенека“ преку Ковакс-системот.