Меѓународна потерница е распишана за Раиф Мифтари за сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластувања според членот 353 од Кривичниот законик, според објавеното на интернет страницата на Министерството за внатрешни работи.
Меѓународната потерница за Мифтари е распишана како осомничен во случајот „Двојник“, според медиумските извештаи. Како што претходно соопшти МВР, во акцијата „Двојник“ досега се приведени девет лица вработени во МВР, а дека едно лице е во бегство и дека тоа не било полициски службеник, туку надворешен посредник.
Шестмина осомничени се во истражниот затвор во Шуто Оризари со мерка 30 дневен притвор, а истата мерка е одредена и за лицето што е во бегство, соопшти МВР. Останатите тројца треба редовно да се јавуваат во судот, а како мерка на претпазливост им биле одземени патните исправи.
Инаку според МВР, во случајот досега е откриено дека вкупно 215 лица, од кои еден македонски државјанин, а другите странски, се стекнале со македонска патна исправа со туѓ идентитет.
За оваа акција власта и опозицијата употребуваат два различни термини. МВР ја нарекува акција „Двојник“ и вели дека таа е водена сериозно и со години, а за ВМРО-ДПМНЕ е афера „Мафија“ во која главни се токму министерот Спасовски и премиерот Зоран Заев.
Од опозицијата како што велат познати криминалци од регионот добиле македонски пасоши во 2019 година за време на министерувањето на Спасовски.