Директорот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејезус денеска изјави дека од вкупно 700 милиони дози на вакцини против Ковид-19 што се употребени ширум светот, повеќе од 87 проценти се дадени во побогатите земји.
Тој рече дека во просек секое четврто лице во богатите земји примало барем една доза од вакцината против Ковид-19, во споредба со само едно од 500 лица во земјите со ниски примања.
„Сè уште постои шокантна нерамнотежа во глобалната дистрибуција на вакцини“, изјави Тедрос на прес-конференција.
Тој посочи дека програмата Ковакс за фер дистрибуција на вакцините поддржана од ООН, е „моќен механизам што може да доставува вакцини побрзо и поефикасно од кој било друг механизам.“
Тој изјави дека досега преку Ковакс се испорачани околу 38 милиони дози вакцини ширум светот, што е доволно за да се опфатат само околу 0,25 проценти од светската популација.
Тедрос ги критикуваше земјите кои планираат на други земји да им донираат вакцини директно, наместо преку Ковакс системот.
Тој оцени дека билатералните аранжмани ризикуваат понатамошно зголемување на нееднаквоста во дистрибуцијата на вакцините, без да објасни зошто се проблематични донациите што го заобиколуваат Ковакс.
„Овие билатерални аранжмани ризикуваат да ги разгорат нееднаквостите во дистрибуцијата на вакцините“, рече Тедрос.