Акција на турската полиција против 63 „членови на криминална група“, се бара и Седат Пекер

Илустрација

Полицијата во Турција изврши операција против членови на организирана криминална група, јавува агенцијата Анадолија. Во операцијата, чиј центар бил во Истанбул, била спроведена во пет области низ Турција и при тоа полицијата изврши рации на 121 адреса со налози за приведување на 63 осомничени лица, вклучувајќи го Седат Пекер, за кого беше утврдено дека е водач на криминалната група. За Пекер се вели дека е во странство.

Откриено е дека осомничените активно учествувале во криминални активности – вклучително грабеж, напаѓање, мито и други кривични дела – и биле вклучени во формирање организирана криминална група, јави агенцијата Анадолија и додава дека полициската акција била поддржана од беспилотни летала и тимови за специјални операции.

Видете и ова: Амбасада на САД- не коментираме активни истраги, соработуваме со МВР

Името Седат Пекер се поврзува и со акцијата спроведена во Македонија пред неколку дена и во која беа уапсени деветмина полициски службеници осомничени за фалсификување пасоши. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека, како што рекоа од опозициската партија, „им давала лажни пасоши на познати криминалци, меѓу кои и Пекер“. МВР ги негираше обвинувањата со контра-обвинување дека „од ВМРО-ДПМНЕ предвреме објавиле информации за да ја саботираат акцијата наречена Двојник“.