По наредба на Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, денеска се врши претрес во просторите на фирмата „Инвока гроуп“ и во домот на сопственикот на фирмата, потврдиле за МИА од Обвинителството.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 18 март соопшти дека отворил предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“.
„Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација. По наредбите ќе постапуваат истражителите од истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, информираа од Обвинителството.
Инаку, Обвинителството за гонење на организиран криминал пред 10 дена соопшти дека отворило предистражна постапка за аферата која пред три недели ја објави емисијата „360 степени“ за софтверот кој што го набавил поранешниот генерален секратар на Владата Драги Рашковски за МВР, а министерството веќе осум месеци не го користи. Вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, кажа тогаш дека барањето за разрешување на Раковски не е во негова надлежност туку на премиерот. Премиерот Зоран Заев, пак, ијзави дека „нема конфликт на интереси“ во тој случај.