Министерот за правда на Црна Гора: не поднесувам оставка

Министерот за правда на Црна Гора Владимир Лепосавиќ (во средина) и вицепремиерот Дритан Абазовиќ (лево) Подгорица, 18 декември 2020 година

Црногорскиот министер за правда Владимир Лепосавиќ изјави дека нема да поднесе оставка и ќе остане на функцијата се додека ја има довербата од Собранието, откако премиерот Здравко Кривокапиќ поднесе барање до парламентот за неговото разрешување поради изјава во која се релативизира геноцидот во Сребреница. Владејачкиот Демократски фронт претходно соопшти дека нема да поддржи смена на Лепосавиќ, додека Демократска Црна Гора изјави дека нема да гласа за разрешување доколку нема договор во рамките на парламентарното мнозинство, иако нејзиниот лидер Алекса Бечиќ го повика министерот за правда да поднесе оставка. Ова значи дека за разрешување на Лепосавиќ е потребна поддршка од опозициската Демократска партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, бидејќи само движењето УРА на Дритан Абазовиќ објави дека ќе гласа за смена на министерот за правда од членовите на владејачката коалиција.

Црногорскиот премиер бара смена на министерот за правда заради изјавата за Сребреница

Лепосавиќ ги потврди шпекулациите дека веднаш по седницата на Собранието, на која тој го релативизирал геноцидот во Сребреница, добил, како што рече, „честитки за искрен, умерен и професионален одговор на злонамерното пратеничко прашање“ од членовите на Владата и сите три коалиции што го сочинуваат парламентарното мнозинство. Тој додаде дека после тоа „започнала медиумска потера“ против него. Тој на седницата на 26 март рече дека пресудата на Меѓународниот кривичен трибунал за Босна и Херцеговина дека е извршен геноцид во Сребреница е од Хашкиот трибунал, кој како што рекол, бил „компромитиран бидејќи крие докази за злосторства против Србите на Косово“. Изјавата на Лепосавиќ беше осудена од меѓународната заедница, а премиерот на Црна Гора побара негово разрешување, оценувајќи дека „за тоа ниво на надлежност, недозволиво е министерот за правда и човекови и малцински права да ги искажува своите приватни ставови“.