Бајден ќе се бори против „пиштолите-духови“

Американскиот претседател Џо Бајден.

Американскиот претседател Џо Бајден најави нови мерки за справување со оруженото насилство во САД, кое го опиша како „криза на јавното здравје“.

Бајден ги најави мерките денеска во Белата куќа, заедно со потпретседателката Камала Харис и јавниот обвинител Мерик Гарланд. На прес-конференцијата присуствуваа и членови на семејствата на жртви од оружено насилство.

„Оваа епидемија мора да запре веќе еднаш“, рече тој.

Бајден, кој е демократ со историја на застапување за ограничувањата на оружјето, се најде под притисок по неодамнешните масовни убиства во Џорџија и во Колорадо. Во овие две пукања беа убиени 18 луѓе.

Контролата на оружје е прашање за кое има поделби во САД, каде што со децении се случуваат масовни убиства во училишта или на други јавни настани.

Правото на поседување и носење оружје е заштитено со Вториот амандман на Уставот на САД и многу граѓани сметаат дека законите за контрола на оружјето се противуставни.

Новите мерки вклучуваат план за Министерството за правда да се бори против „пиштолите-духови“, кои немаат сериски броеви и е тешко да им се влезе во траг. Исто така, „стабилизирачките протези“ со кои пиштолите се претвораат во пушки ќе бидат предмет на законска регистрација.

Бајден соопшти дека ќе побара годишни федерални извештаи за трговијата со огнено оружје и ќе им олесни на државите да им ограничат на ризичните поединци да поседуваат оружје.

Бајден ќе ги донесе мерките преку извршна наредба, што значи дека нема да има потреба од одобрување во Конгресот, каде што многумина Републиканци се противат на ограничувањата за поседување оружје.