Анкара негира дека Ердоган ја навредил Урсула фон дер Лајен

Урсула фон дер Лајен, Шарл Мишел и Реџеп Таип Ердоган во Анкара, 6 април 2021

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во четвртокот рече дека претседателот Реџеп Таип Ердоган ја примил претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен во согласност со „барањата и предлозите од Европската унија (ЕУ)“ и ги отфрли критиките дека Анкара навредувала висок гостин од Брисел. Чавушоглу рече дека турската страна и ЕУ се договориле за протокол пред состанокот со Ердоган пред два дена.

„Распоредот на места за седење е направен во согласност со предлозите на ЕУ“, рече Чавушоглу на прес-конференција со неговиот колега од Кувајт Ахмад Насер Ел Мохамад Ел Сабах во Анкара, јави агенцијата ДПА.

Според Ројтерс, фон дер Лајен била изненадена кога Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет (ЕС), седнал на единствената достапна фотелја покрај Ердоган.

Видете и ова: Шефовите на ЕУ загрижени за човековите права во Турција

На видеото се гледа како шефицата на Европската комисија стои кратко и гестикулира пред да седне на каучот поставен на растојание од столовите каде што седеа Мишел и Ердоган.

„Претседателот на Комисијата очигледно беше изненаден“, изјави портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.

„Претседателката фон дер Лајен требаше да седи на ист начин како и претседателот на Европскиот совет и претседателот на Турција“, додаде Мамер.

Нерамномерниот распоред на места предизвика обвинувања на социјалните мрежи за сексизам и оцени дека станува збор за намерен потег насочен против Европската комисија. Мишел беше критикуван и затоа што не реагирал за да ја заштити својата колешка дер Лајен.

Чавушоглу рече дека критиките кон Турција се „многу нефер“ и додаде дека состанокот е „во рамките на правилата на меѓународниот протокол и турското гостопримство“.

Видете и ова: Лидерите на ЕУ на разговори со Ердоган

Во минатото беа обезбедени три столови кога Ердоган разговараше во Брисел со шефовите на Европската комисија и Европскиот совет, кои колективно ги претставуваат 27-те земји-членки на ЕУ.

Врските меѓу Брисел и Анкара беа затегнати по неуспешниот пуч во 2016 година кога властите ја засилија репресијата во Турција што доведе до апсење на илјадници луѓе. Поморски спор меѓу Турција и Грција ги поттикна тензиите минатата година и ЕУ се закани со санкции кон Анкара, но сега се обидуваат непречено да ги решат разликите.