„Не може да се обвинува министер, премиер или слично заради тоа што спровеле успешни акции, посебно докажувајќи дека тие акции биле месеци на анализа, документирање, аргументирање за да бидат изведени пред суд. Кога во анализите ќе видите кога се случувало тоа, кога се правени ваквите најголеми фалсификати и криминали или со лажни матични броеви, ќе видите дека тоа е за време на режимот односно за времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ“
Вака денеска премиерот Зоран Заев ги коментираше обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за вмешаност на челниците на Владата во случајот со „фалсификуваните македонски пасоши, од кои некои им биле издадени и на познати криминалци, меѓу кои и турскиот државјанин Седат Пекер, кој во Турција е осомничен за разни дела“.
Видете и ова: Партиски пресметки за криминалци со македонски пасошиВо завчерашната акција „Двојник“, за која министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, тврди дека почнала во 2019 година е откриено дека вкупно 215 лица, од кои еден македонски државјанин, а сите останати странски, се стекнале со македонска патна исправа со туѓ идентитет. Како осомничени приведени се девет лица вработени во МВР, а едно е во бегство, но то не бил полициски службеник туку надворешен посредник.
Заев тврди дека знае со кои политичари се среќавал Седат Пекер, но, како што рече денеска, не гледа вина за тоа.
„Кога некој открива, осознава и активно процесуира криминал, тој треба да се награди а не да одговара. И тоа се вредностите секаде во светот, така и кај нас. Како што рече и Спасовски, оваа е неколку месечна акција која се работи со меѓународни партнери, за да се спречат ваквите постапки и да се казнат. Луѓето кои се извадени пред суд, се откриени. Дале преку 214 државјанства, со измислени матични броеви преку граѓанин од дома. Сето тоа што се случувало низ годините, децениите, на крајот има успешна завршница да не се повтори никогаш повеќе, а тоа е успешна акција на МВР“, изјави Заев.
За обвинувањата од опозицијата дека луѓе од власта „се гледале со Пекар“, премиерот вели дека никој од нив, ако се гледале, не можеле да знаат дека тој е осомничен.
„Господинот кој го спомнавте е еден од тие кои добиле фалсификуван пасош, истовремено е осомничен за одредени дела во Турција. МВР го избрка како персона нон грата од државата по други видови на постапки. Секако тој што работел на нелегалното издавање на пасош е дел од самата постапка која е процесуирана пред правосудните органи. За тоа дали се гледале коалициски партнери или луѓе од мојата партија или слично, апсолутно никој не можел да знае дали некој е осомничен за нешто, дали некој заднински работел на некакви нелегални пасоши или слично. Апсолутно не гледам вина во тоа. Јас сум запознаен дури и кој од колегите, партиите партнери имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места, но апсолутно не може да се каже дека некој има вина поради тоа зашто нормално е кога некој ќе побара средба и да ја закаже средба. Но институциите функционираат и го дадоа резултатот“, рече Заев.