Полнењето на државната каса оди според планираното, приходите се на повисоко ниво од преткризниот период од минатата година, а добрата кондиција на буџетот во првиот квартал и позитивните трендови што се препознаваат се должат на преземените мерки, но и на довербата на деловната заедница во мерките кои овозможија стопанството да не работи во грч туку да ја следи бизнис логиката дури и во вакви услови, оцени денеска премиерот Зоран Заев.
Како што истакна на прес-конференцијата во Владата заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими, имплементирани се околу 70 мерки преку кои на граѓаните и на стопанството им биле ставени на располагање 860 милиони евра или 82 насто од вкупниот план за износ на мерки. Тој рече дека владиниот стимул придонесе за двојно амортизирање на економскиот пад лани, поточно, според калкулациите на Министерството за финансии е амортизиран за 4,2 процентни поени и наместо пад од 8,7 насто реалниот пад на економијата лани беше 4,5 проценти.
Премиерот Заев потсети дека првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1 насто, вториот пакет мерки е 100 проценти имплементиран, третиот пакет 75,4 насто и четвртиот пакет 72,7 проценти и нагласи дека некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, така што вкупната имплементација на мерките во однос на планот може да се зголеми, па дури може да достигне и до 99 насто имплементација.
Заев оцени дека има позитивни сигнали дека економијата заздравува, што според него е потврдено со позитивните тековни економски движења преку високиот раст на извозот, растот на трговијата, растот на кредитирањето и растот на просечната плата.