Судот во Москва денеска ги потврди казните изречени од руската агенција за набљудување на медиумите за сервисот на РСЕ на руски јазик за наводни прекршувања на контроверзните закони на земјата за „странски агенти“. Казните се во износ од околу 70 илјади долари, при што беа отфрлени жалбите на РСЕ.
Се на се, државната агенција Роскомнадзор поднесе 390 протоколи против РСЕ за необележување на нејзините медиумски производи дистрибуирани во Русија како производ на „странски агенти“. Судот досега потврди околу 260 од протоколите со вкупни казни кои се приближуваат до еден милион американски долари.
Роскомнадзор издаде соопштение во кое се вели дека РСЕ мора да ги плати казните во рок од 60 дена. Доколку компанијата не плати, агенцијата предупреди дека може да го „ограничи пристапот“ до веб-страниците на РСЕ во Русија.
РСЕ продолжува да се жали на казните и соопшти дека случајот доколку е потребно ќе го однесе и во Европскиот суд за човекови права. Еден ден претходно, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека „Москва воведе инвазивни барања за етикетирање и парични казни со цел да ја избрка РСЕ од Русија“.
Законот за „странски агенти“ во Русија беше усвоен во 2012 година и постојано се менуваше. Согласно законот, потребно е да се регистрираат сите невладини организации кои добиваат странска помош и за кои владата смета дека се занимаваат со политичка активност, да се идентификуваат како „странски агенти“ и да подлежат на ревизии. Подоцнежните измени на законот беа насочени кон медиуми финансирани од странство.