ЕМА откри можна врска меѓу вакцината на АстраЗенека и згрутучување на крвта

Вакцината на АстраЗенека

Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска соопшти дека открила можна врска помеѓу вакцината на АстраЗенека и извештаите за случаи на згрутчување на крвта кај луѓето кои ја примиле вакцината.

Загриженоста за безбедноста на вакцината беше покрената откако повеќе од десетина земји во последните неколку недели донесоа одлука да ја прекинат употребата на вакцината, која им беше дадена на десетици милиони луѓе во Европа, по извештаите што ја поврзуваат со нарушување на коагулацијата на крвта во мозокот кај неколку десетици примачи.

Експертите велат дека ако се докаже врска помеѓу вакцината и згрутчување на крвта, ризиците за општата популација да добијат сериозен тромб се многу мали во споредба со ризиците од можна инфекција со ковид-19, што исто така може да предизвика слични состојби, како и многу други широко користени лекови како што се апчиња за контрацепција.

И ЕМА и Светската здравствена организација соопштија дека придобивките ги надминуваат ризиците од вакцината.

„Ризикот од смртност од ковид е многу поголем од ризикот од смртност од овие ретки несакани ефекти“, рече извршниот директор на ЕМА, Емер Кук.

АстраЗенека претходно изјави дека нејзините студии не откриле поголем ризик од згрутчување на крвта кај вакцинираните отколку кај општата популација.

ЕМА досега примила извештаи за 169 случаи на згрутчување на крвта во мозокот кај луѓе кои примиле вакцината на АстраЗенека од употребени 34 милиони дози.