Талибанците соопштија дека спровеле напад врз воздушната база во јужен Авганистан, каде што се сместени меѓународните трупи. Доколку се потврди информацијата, тоа би бил првиот напад против странските сили за кој талибанците презедоа одговорност откако со САД во февруари 2020 година потпишаа договор.
„Аеродромот Кандахар, каде што се сместени меѓународните трупи во мисијата „Одлучна поддршка на НАТО“, беше цел на повеќе ракети на 7 април. Ракетите погодија цели, предизвикувајќи големи човечки и материјални загуби“,
напиша портпаролот на талибанците, Забихулах на Твитер.
Ниту американската војска ниту НАТО не го коментираа тврдењето.
Според договорот меѓу САД и талибанците, постигнат под администрација на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, милитантната група се согласи да ги прекине нападите против меѓународните трупи.
Сите странски сили, исто така, треба да го напуштат Авганистан до 1 мај во замена за безбедносни гаранции од милитантната група, како што се раскинување на врските со Ал-Каеда и да прекинат да засолнуваат странски терористи.Но, наследникот на Трамп, претседателот Џо Бајден, предупреди дека ќе биде тешко да се исполни рокот за повлекување.