Во рамките на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од денеска за кафаните, рестораните, баровите и клубовите важи „целосно забрана за примање гости“, додека оние што подготвуваат храна ќе можат да даваат услуги на шалтер или со достава. Со одлука на Владата, забранета е работа на угостителски делови на бензински пумпи, а исклучок се само објектите и на меѓународните аеродроми - во Скопје и во Охрид. Од денеска на обложувалниците и казината исто така им е забрането да примаат посетители, а тие ќе можат да добиваат плаќања „исклучиво преку шалтери“.
Филипче: Ќе има ефект од мерките во пресрет на Велигден и Бајрам, критично e во 4 градови
Фитнес клубовите и спортските центри нема да бидат отворени во следните две недели, а исто така е забрането да се организираат семинари, курсеви, обуки и секакви конференции. Полицискиот час што почна синоќа во 20 часот, а трае до 5 часот ќе важи во следните две недели - до 20 април. Притоа строгата целодневна забрана за групирање повеќе од четири лица останува на сила. За време на полицискиот час ќе биде дозволено да се носат кучињата на прошетка од 22,00 до 23,00 часот, но на оддалеченост до 100 метри од станот.