Уапсени девет полициски службеници за фалсификување документи

илустрација

Во голема полициска акција попладнево се уапсени девет полициски службеници кои биле дел од синџир за фалсификување патни исправи и лични документи. Од МВР велат дека акцијата е сѐ уште во тек, а детали најавија по нејзиното завршување.

Вчера ВМРО-ДПМНЕ објави соопштение од брифинг, а денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски на прес-конференција обвини дека власта им издавала македонски пасоши и документи на балкански наркобосови со лажен идентитет. Тој најави дека до Обвинителството ќе ги испрати сите документи за т.н. афера „Мафија“, кои ги добиле преку свиркачи и побара експресна реакција од надлежните органи.

Мицкоски рече дека аферата потврдува дека власта е во спрега со мафијата и дека ова не само што има негативно влијание дома, туку се одразува и регионално. Тој приложи докази дека двајца, како што рече тој, „членови на високи мафијашки структури од Србија и Турција, Јован Вукотиќ и Седат Пекер, добиле македонски пасоши со туѓ идентитет“.

Мицкоски обвинува за „Мафија“, а СДСМ него за соработка со мафијата

По вчерашниот брифинг се огласи и јавната обвинителка Вилма Русковска, која рече дека „ќе почека постапка од МВР“. МВР денеска ја потврди меѓународната акција за „апсење на полициски службеници осомничени за фалсификување лични документи“ и соопшти дека вчерашните „брифинзи на една политичка партија биле со цел саботажа на акцијата“.