СЗО: Ковид 19 ја влоши нееднаквоста во здравството

Ковид-19 неправедно влијаеше на некои луѓе, влошувајќи ги постојните здравствени нееднаквости и благосостојба внатре и меѓу земјите, објави денеска Светската здравствена организација.

По повод Светскиот ден на здравјето, 7 април СЗО потсетува дека во земјите, болеста и смртта од Ковид19 биле повисоки меѓу групите кои се соочуваат со дискриминација, сиромаштија, социјално исклучување и сиромашни услови за живот и работа - вклучително и хуманитарни кризи. Се проценува дека минатогодишната пандемија довела до екстремна сиромаштија на 119 до 124 милиони луѓе. Исто така, постојат убедливи докази дека ова ги зголемило половите разлики во вработувањето, при што жените изгубиле повеќе работни места отколку мажите во последните 12 месеци.

„Овие нееднаквости во условите за живот на луѓето, здравствените услуги и пристапот до моќ, пари и ресурси се долготрајни. Очекуваниот животен век на луѓето во земјите со ниски примања е 16 години помалку отколку кај луѓето во земјите со високи примања“, соопшти СЗО.

СЗО ја критикува Европа за бавна вакцинација против ковид-19

СЗО додава дека додека земјите продолжуваат да се борат против пандемијата, постои единствена можност за подобро градење на поправеден, поздрав свет со спроведување на постојните обврски, резолуции и договори, притоа преземајќи нови и смели обврски.

„Безбедни и ефективни вакцини се развиени и одобрени со рекордна брзина. Предизвик сега е да ги направиме достапни за секој што има потреба од нив. Клучот тука ќе биде дополнителна поддршка за Ковакс механизмот,“ се вели меѓудругото во извештајот.

СЗО наведува дека е потребно да се инвестира и во примарната здравствена заштита.

„Најмалку половина од светската популација сè уште нема пристап до основните здравствени услуги; повеќе од 800 милиони луѓе трошат најмалку 10 проценти од приходите на своите домаќинства на здравствена заштита или од џеб и секоја година тоа носи речиси 100 милиони луѓе во сиромаштија “, предупредува СЗО во текстот објавен на нивната веб-страница по повод Светскиот ден на здравјето.