Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека партијата ќе почека резултат од средбата која неделава треба да ја одржи власта со претставници на коалицијата Алтернатива и Алијанса за Албанците во врска со предложениот закон за државјанство и оти потоа ќе излезе со став дали ќе ги повлече амандманите што ги има поднесено во Собранието на овој предлог.
Законот каков што беше предложен во Собранието, нагласи Мицкоски, не беше прифатлив ниту за СДСМ, ниту за Левица, ниту за нас како партија, а ние поднесовме амандмани. Како резултат на тоа, рече Мицкоски, од коалицијата Алтернатива и Алијанса за Албанците ги блокираат сите закони кои влегуваат во Парламентот. Тоа, нагласи тој, е случај и со оној кој се однесува на финансиската поддршка за компаниите и граѓаните.