Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција најави дека до Обвинителството ќе ги испрати сите документи за т.н. афера „Мафија“, кои ги добиле преку свиркачи и дека бараат експресна реакција, а се однесуваат на наводно „помагање на познати криминалци да добијат лажни македонски пасоши“.
Мицкоски рече дека аферата потврдува дека власта е во спрега со мафијата и дека ова не само што има негативно влијание дома, туку се одразува и регионално. Тој приложи докази дека двајца, како што рече тој, „членови на високи мафијашки структури од Србија и Турција, Јован Вукотиќ и Седат Пекер, добиле македонски пасоши со туѓ идентитет“.
За оваа „афера“ вчера од неговата партија ги брифираа новинарите, по што се огласи и јавната обвинителка Вилма Русковска, која рече дека „ќе почека постапка од МВР“.
Денеска МВР, преку потврда за МИА, информираше дека се споведува голема меѓународна акција за „апсење на полициски службеници осомничени за фалсификување лични документи“ и дека вчерашните „брифинзи на една политичка партија биле со цел саботажа на акцијата“.
Видете и ова: Акција на МВР: Се приведуваат полицајци за фалсификување лични документиПо прес-конференцијата на Мицкоски, веднаш реагираше СДСМ.
„Дали Христијан Мицкоски намерно пласираше информации во јавноста за да се саботира голема полициска акција на нашите институции, МВР и меѓународни органи со помош на нашите стратешки партнери, саботажа која не успеа?“, се вели во писмената реакција од социјалдемократите.
Тие даодаваат дека очекуваат официјални информации од надлежните институции кои како што велат од СДСМ треба да покажат дали Христијан Мицкоски одработува за криминалци.