Вјоса Османи и официјално стана претседателка на Косово

Претседателката Османи изврши смотра на гардата како дел од инаугуративната церемонија

Новата претседателка на Косово, Вјоса Османи, денеска официјално ја презеде должноста од досегашниот вршител на должноста на таа функција, претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца. Државната церемонија по тој повод беше одржана на плоштадот „Ибрахим Ругова” во косовската престолнина, каде што Османи и Коњуфца извршија смотра на гардата на Безбдносните сили на Косово (ФСК).

Од претседателскиот кабинет соопштија дека, поради ситуацијата со пандемијата, нема да има друга инаугуративна церемонија, туку ќе се одржат неколку индивидуални активности на Османи, како што е приемот на командантот на ФСК, Рахман Рама и на други генерали, како и на косовските џиудисти кои во последно време забележаа видни резултати на неколку светски манифестации.