Во голема полициска акција денеска се уапсени десетина полициски службеници кои биле дел од ланец за фалсификување на патни исправи и лични документи, а акцијата уште е во тек, потврдиле за МИА од Министерството за внатрешни работи (МВР) и најавиле детали по завршувањето на акцијата.
По повеќе од година дена истрага и документирање на дејствувањето на криминалната група, посочуваат извори од МВР, полицијата во координација со Канцеларијата за истраги на американската амбасада и Интерпол спроведува голема акција која уште трае, јави МИА.
Според истите извори на МИА, вчерашниот брифинг од политичка партија бил во насока да се саботира оваа меѓународна акција.
Вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги брифираше новинарите дека МВР, „со знаење на премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски“, овозможило, како што рекоа од партијата, „криминалци од регионот да се стекнат со македонски пасоши и документи“. Според опозициската партија, да добијат македонски пасоши со лажен идентитет им било овозможено на „водачот на Шкаљарскиот клан, Јован Вукотиќ и турскиот државјанин Седат Пекер.
По оваа информација од ВМРО-ДПМНЕ, јавната обвинителка Вилма Русковска, изјави дека „ќе се почека МВР да отвори постапка“.