Претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен денеска во Турција ќе се сретнат со турскиот претседател Таип Ердоган. Посетата на челните луѓе на Унијата на Турција, според експертите, е нов знак за подобрување на билатералните врски. ЕУ деновиве изрази подготвеност повторно да разговара со Турција по повеќемесечни тензии во источниот дел на Средоземното море, но постави услови за турскиот претседател, повикувајќи на намалување на напнатоста. Лидерите на ЕУ, кои треба да разговараат за Турција во јуни, на неодамнешниот самит одобрија „постепен и условен пристап кон зајакнување на соработката во голем број области од заеднички интерес“.
По ЕУ, и САД разочарани од Турција за Истанбулската конвенција
ЕУ е подготвена да започне модернизација на царинската унија, да го продолжи дијалогот на високо ниво и да преговара за олеснување на визниот режим за турските граѓани. Во отсуство на напредок, извештајот на европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел наведува неколку опции, вклучително и санкции за туристичкиот сектор во Турција. Турција ги критикуваше заклучоците од самитот на ЕУ, истовремено ветувајќи дека ќе одговори со „позитивни чекори“ на евентуалниот гест на Унијата.