Градот Скопје денеска официјално почна со демонтажа на првата од трите галии кои се наоѓаат во коритото на реката Вардар. Прва на листата за демонтажа е галијата кај хотелот „Холидеј Ин“. Демонтажата ќе ја изведуваат од ЈП „Улици и патишта“. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција рече дека очекува постапката да трае неколку недели и тоа на трошок на фирмата која досега управуваше со галијата, во својство на должник во извршната постапка.
„Со ова конечно како континуитет на политиките кои јас ги креирам како градоначалник започнуваме со едно поизразено расчистување со криминалниот и болноумниот проект „Скопје 2014“, бидејќи овие галии не се само надвор од здравата естетика, тие се де факто и опасност за граѓаните на Скопје. Имајќи предвид дека сите анализи што ги направи Градот и стручните служби на Градот од една страна, меѓутоа и студијата на УНДП зборува дека галиите во коритото на реката Вардар претставуваат сериозна опасност за потоп и евентуални поплави кои можат да наместат сериозна материјална штета и да загрозат животите на скопјани“, изјави Шилегов.
По неговата прес конференција со реакција се јавија и сопствениците на оваа галија кои сметаат дека ваквото уривање е незаконско. Жарко Миленковски, управител на фирмата која е сопственик на овој објект, вели дека галијата „Бродот на среќата“ е целосно приватна инвестиција, а инвеститорот кој е бугарски граѓанин, вложил повеќе од милион евра, најави тужба против градот.
Шилегов - Загадувањето не може да се реши на копче
„Жал ми е што поради незаконското рушење и тврдоглавоста на Градоначалникот на Град Скопје, граѓаните ќе треба да платат над 1.2 Милиони Евра. Наместо тие средства да се искористат за подобрување на животот на граѓаните, ќе бидат “фрлени во Вардар” само и само поради предизборен Пи-Ар. Има ли поголем Пи-ар во овој момент на затегнати Македонско Бугарски односи да се руши Бугарска инвестиција и тоа покажувајќи толкава сила што не се ни чека било каква судска одлука?“ се вели во писмената реакција испратена до медиумите од Миленковски.
Тој обвинува дека Шилегов вршел пристисок врз судиите и дека поради тоа не се завршени судските постапки кои се однесуваат на галиите.