Централната изборна комисија во Бугарија денеска соопшти дека според обработени 87 проценти од гласачките ливчиња, коалицијата ГЕРБ-СДМ има 26,07 проценти од гласовите на последните парламентарни избори. Втора по освоени гласови е партијата „Има таков народ“ со 17,91 процент, потоа „БСП за Бугарија“ има 14,96 проценти од гласачките ливчиња, „Демократска Бугарија“ – 9,63 проценти; ДПС – 9,97 проценти, „Исправи се! мафијата надвор!“ – 4,81 процент; ВМРО – 3,57 отсто гласови.
Досегашниот премиер Бојко Борисов на помалите партии кои ќе влезат во Парламентот им понуди составување експертска влада.
„Ви предлагам мир. Ајде да ангажираме експерти и до декември да преземеме одговорност за да ја совладаме пандемијата со цел да тргнеме повторно напред“, изјави Борисов во ноќта по изборите.
Тој не даде попрецизни објаснувања какви експерти би дошле предвид.
Во меѓувреме лидерката на најголемата опозициска партија на бугарските социјалисти, Корнелија Нинова, одби да поднесе оставка поради лошите резултати на парламентарните избори во Бугарија. За првпат од 1990 година, БСП во Бугарија падна на второто место на парламентарните избори. БСП беше престигната од партијата на шоуменот и ТВ-презентер Слави Трифонов – „Има таков народ“.
Наместо Нинова, сепак, раководството на БСП даде колективна оставка. Таа изјави дека БСП нема да поддржи ниту една идна влада предложена од ГЕРБ – со или без сегашниот премиер Бојко Борисов, без оглед дали е составена од експерти или политичари.