Србија до мај ќе произведе три серии на вакцината „Спутник V“

Српскиот институт „Торлак“ од Белград денеска потпиша договор за трансфер на на технологија со рускиот фонд за директни инвестиции и руската фармацевтска компанија „Генериум“ со кој Русија на Србија и пренесува податоци за процедури и технологии неопходни за производство на вакцина Спутник V, соопшти денеска министерот Ненад Поповиќ.
„Станува збор за чувствителни и доверливи податоци што можат да ги разменуваат само партнери кои имаат огромна взаемна доверба“, изјави Поповиќ.

Според соопштението од неговиот кабинет, во институтот „Торлак“ во текот на април ќе бидат произведени три серии за контрола на вакцината „Спутник V“. Примероците од оваа серија за валидација ќе бидат испратени за контрола на квалитетот до Институтот Гамалеја во Москва.

Откако Институтот Гамалеја ќе ја потврди валидноста на примероците произведени во Торлак, тогаш ќе започне со производство на вакцината.

„Очекуваме тоа да се случи до 20 мај оваа година“, изјави Поповиќ.