По објави за „глушец во смрзнат зеленчук“, АХВ нареди да се повлече производот

Агенција за храна и ветеринарство АХВ

Поради сомнеж за физичка контаминација, односно присуство на глушец во замрзнат зеленчуков микс „Сани фантази- Царски микс” по потекло од Република Србија, увезен од КАМ ДООЕЛ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за промет на овој производ и нареди негово повлекување од рафтовите на КАМ маркетите на цела територија на државава, се вели во денешното соопштение на АХВ, откако на социјалните мрежи беа објавени фотографии од купено ќесе на микс зеленчук во кои има замрзнат глушец.

Видете и ова: За 3 месеци уништени над 85 тони небезбедна храна


„Издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверки на секоја серија/лот од овој производ, во сите маркети каде е пласиран овој производ, на територијата на цела држава. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николе Бабовски потенцира дека АХВ ќе изврши вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа. Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија/лот на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени за лабораториско испитување. Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува потрошувачите доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и прегледаат и доколку утврдат присуство на страни тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат АХВ“, се вели во соопштението од Агенцијата.

За овој случај, како пто велат од АХВ, до Агенцијата не е поднесена претставка. Тие апелираат до граѓаните ваквите случаи да ги пријавуваат во АХВ, како одговорна институција за безбедноста на храната.