Завршни зборови на Мијалков за „Трезор“: Ова е конструкција

Петар Василев, адвокатот на Сашо Мијалков

Со завршни зборови на одбраната, денеска во Кривичниот суд во Скопје, продолжи судењето за случајот „Трезор“, кој се однесува на набавка на опрема за Министерството за внатрешни работи (МВР). Во овој случај обвинети се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тројца се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање.

Според одбраната, Мијалков во јули 2010 година во Лондон не договарал набавка на опрема за потребите на УБК.

„Не е точно дека Мијалков од 7.7.2010 – 9.7.2010 во Лондон договарал со компанијата ГАМА за било каква опрема на УБК при МВР. Целото обвинение е конструкција“, изјави адвокатот на Мијалков - Петар Василев.

Видете и ова: Што откри „Трезор“ за употребата на „ФинФишер“ софтверот

Мијалков лично не даваше завршни зборови, туку рече дека „останува на тоа што го кажале неговите адвокати“.

Адвокатот на МИјалков - Петар Василев - во завршните зборови тврдеше и дека Мијалков „немал никаква врска и поврзаност со 'Финзи'', фирма која, како што рече, „Камчеви ја основале во САД уште пред 15 години, со цел тогаш да воспостават соработка во областа на здравството“.

Претходно, во завршните зборови, Обвинителството рече дека наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од Буџетот на државата. Според обвинението во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.