Централната изборна комисија (ЦИК) објави привремени податоци по пребројани 61,08% гласачки ливчиња од секторските изборни комисии во земјата и странство по вчерашните парламентарни избори во Бугарија. Тие покажуваат дека ГЕРБ е во водство, а на второ место е партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“, јави Слободна Европа на бугарски јазик.
БСП останува на третото место. Коалицијата Демократска Бугарија има мало водство пред МРФ, но сè уште не се преброени сите гласови од Турција. Шест политички сили влегуваат во Националното собрание. Коалицијата околу Маја Манолова и Отровното трио ја преминува бариерата од 4% за влез во Националното собрание.
Засега, ВМРО на Красимир Каракачанов е под цензусот за влез во Собрание, како и Бугарскиот национален сојуз на Васил Божков и Преродба на Костадин Костадинов.
Податоците на ЦИК во 10:30 часот наутро ја покажуваат следнава слика со 61,08% од пребројаните протоколи од земјата и странство:
ГЕРБ-СДС - 25,32%
„Има таков народ“ - 18,49%
„БСП за Бугарија“ - 14,90%
„Демократска Бугарија“ - 10,38%
ДПС - 9,06%
"Стани! Мутри, излези!" - 4,96%
ВМРО - 3,55%
Бугарска национална унија - 3,10%
„Преродба“ - 2,73%